Брзите домашни антигенски тестови за Ковид-19, кои имаат предност да даваат резултати за само неколку минути, се помалку чувствителни на омикрон отколку на претходните варијанти на корона вирусот.

Според американската агенција за храна и лекови (ФДА) при употребата на овие тестови има поголема веројатност да покажат лажно-негативен резултат и покрај инфекцијата во споредба со претходните соеви.

Прелиминарните податоци покажуваат дека антигенските тестови ја откриваат варијантата омикрон, но со намалена чувствителност – се вели во соопштението на ФДА.

Чувствителноста е мерка за тоа колку е веројатно тестот да даде позитивен резултат.

Информацијата доаѓа во време кога земјата се соочува со голем пораст на бројот на случаи на зараза со омикрон.

ФДА објави дека продолжува да ја одобрува употребата на брзи антигенски тестови, следејќи ги прецизните упатства за употреба. Имено, некои брзи тестови треба да се направат двапати во одреден временски интервал за да се потврди резултатот.

Доколку некое лице е негативно на антиген тест, но постои сомневање за Ковид-19 поради видливи симптоми или голема веројатност за инфекција поради изложеност на вирусот, важно е да се користи молекуларен (ПЦР) тест – истакнуваат од агенцијата.

Оттаму додаваат дека соработуваат со Националните институти за здравје (НИХ) на проучување на веродостојноста на домашните антигенски тестови на примероци од пациенти кои содржат жива верзија на омикрон.

Претходните тестирања се фокусираа на примероци од вирусот инактивирани со топлина наместо на жив вирус, што е подобро, а намалени перформанси на тестот досега не се забележани – се додава во соопштението.

ПЦР тестовите го откриваат генетскиот материјал на вирусот и се попрецизни бидејќи можат да направат милиони копии од РНК на вирусот, па успеваат да откријат и помали количини на вирусот.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.