Шест бодови од натпреварите против Ерменија и Исланд е целта со која македонската фудбалска репрезентација влегува во завршниот ноемвриски циклус во мундијалските квалификации, најави денеска селектор Благоја Милевски.

„Црвено – жолтите“ на 11 ноември и гостуваат на Ерменија во Ереван, а три дена подоцна во Скопје го пречуваат Исланд во завршниот натпревар во рамки на групата Ј, во која избраниците на Милевски се моментно третопласирани со 12 бодови, еден помалку од Романија на второто место, кое обезбедува мундијалски бараж.

– Нашата цел е јасна, а тоа е победа на следните два квалификациски меча. Сакам тоа што го работиме на тренинзите и се договараме да го покажеме и на самиот терен. Се надевам дека сите фудбалери што се повикани за овие два дуели ќе бидат комплетно здрави и подготвени да одговорат на предизвикот, изјави Милевски на денешната прес-конференција во Скопје.

– Фокусот е комплетно насочен кон дуелот со Ерменија. На натпреварот против нив во Скопје одигравме доста добро, но за жал немавме среќа да постигнеме гол, пропуштивме многу прилики. Се надевам дека добрата игра во Скопје ќе ја покажеме и во Ереван. Ќе дадеме се од себе, не се откажуваме и до последно ќе се бориме за да успееме да обезбедиме пласман во баражот за СП, додаде Милевски.

Селекторот посочи дека се соочува со проблеми со повредени играчи, поради што неизвесен е настапот на играчите од средниот ред Стефан Спировски и Тихомир Костадинов.

Поради повреда во составот го нема Аријан Адеми, а на негово место е повикан дебитантот Ваљон Етеми од турскиот суперлигаш Истанбулспор.

– Етеми беше член на селекцијата на Македонија до 21 година. Се работи за млад играч кој има квалитет и потенцијал, игра во одлична форма сезонава во турската втора лига, лига која не е за потценување и е доста квалитетна. Потребен му е континуитет добри игри, се надевам дека ќе го зголеми квалитетот во селекцијата, посочи Милевски.