Министерството за здравство размислува за современ хируршки пристап во лекување пациенти со церебрална парализа на возраст од една до 18 години. Станува збор за предлог проект кој вклучува тимски пристап на доктори специјалисти од повеќе области.

Министерот за здравство Беким Сали и неговиот заменик д-р Владимир Рендевски одржаа работна средба со професорите од Медицински факултет во Скопје, проф. д-р Лазе Тодоровиќ од Клиниката за детска хирургија и проф. д-р Зоран Божиновски од Клиниката за ортопедија.

На средбата беше разговарано за предлог проектот за современ хируршки пристап во лекување пациенти со церебрална парализа на возраст од 1 до 18 години. Се работи за проект што вклучува тимски пристап на доктори специјалисти од Клиниката за ортопедија, Клиниката за детска хирургија и Клиниката за неврохирургија што ќе опфати комплексни хируршки процедури со цел корекција на одот, намалување на спастицитетот и подобрување на квалитетот на животот кај овие пациенти, објави Сали на Фејсбук.

Проектот предвидува и опремување на простор, како и дополнителна едукација на специјалистите од оваа област за обезбедување најсовремена здравствена заштита на пациентите со церебрална парализа кај нас.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.