Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје сезонава игра одлично во АБА2 лигата и по седум одиграни кола е на второто место со учинок од 6-1 (победи/порази) зад Борац Бања Лука.

Овие резултати дефинитивно ги зголемуваат желбите, аспирациите на клубот од МЗТ Скопје за да проба да е врати во елитата во јадранското натпреваруње, па затоа составот од Аеродром се реши да испрати официјална пријава за организација на завршниот турнир.

Во продолжение ви го пренесуваме комплетното соопштение на „штрковите“:

Големите амбиции за враќање во елитната јадранска конкуренција, управата на МЗТ Скопје Аеродром ја потврдува и со испраќањето официјална пријава за организација на завршниот турнир од АБА2. Станува збор за добивање можност да се биде домаќин на најдобрите осум екипи од ова натпреварување, што и тоа како би било добро за нашите кошаркари, кои на патот кон АБА-елитата би ја имале поддршката од трибините. Според нашите информации, предводниците на регионалното натпреварување се уште ги прибираат понудите за овој настан, за кој, неофицијално, интерес досега пројавиле и два босански града, Сараево и Бања Лука.

Фајналејт-турнирот од АБА2 начелно е планиран за месец април, кога екипите, засега според неофицијални информации, би играле според класичен куп-систем односно само по еден натпревар, наместо по два како што беше лани, по кои решаваше вкупниот кош-количник. Ваквиот принцип значи дека домашниот терен ќе биде уште поголема предност, па се надеваме дека раководството на АБА ќе ја земе в предвид богатата традиција на нашиот клуб, како и фактот што сме еден од основачите на сегашното натпреварување и ќе ни направи чест да бидеме домаќини на најдобрите екипи.

МЗТ Скопје Аеродром во моментов е второпласиран на табелата со скор 6-1, во пресрет на последните два турнири, кои ќе се одржат во Бања Лука и во Широки, каде што секоја екипа ќе одигра по три натпревари.