Меркур е првата, најблиската планета до Сонцето, но и една од најзанимливите за научниците на Земјата. Според некои истражувачи, површината на Меркур можеби е покриена со дијаманти…

Површината на оваа планета се состои главно од графит – чист облик на јаглерод што може да претвори во дијаманти по удар на астероид. Планетата е полна со кратери од метеорите и кометите што ја погодиле во минатото. Сега новите научни истражувања и сознанија, носат и нови теории, па една од нив вели дека Меркур можеби содржи 16 милијарди тони дијаманти.

– Притисокот создаден од удар на астероид или комета со брзина од неколку десетици километри во секунда може да го преобрази графитот во дијаманти. Така, на самата површина може да има значително количество дијаманти, вели геологот Кевин Канон.

Прашан – дали овие дијаманти изгледаат онака како што ги замислуваат земјаните, одговорот е – веројатно, не“.

– Тие веројатно не изгледаат како големите и јасни скапоцени камења што ги сечеме и ги претвораме во накит. Подобри споредби се малите дијаманти кои се користат во индустријата како абразивен материјал. Тоа е веројатно таа „неуредна мешавина” со графит и други облици на јаглерод, појаснува тој.

Како што е познато, луѓето сè уште не стигнале до Меркур, а досега само мисиите на НАСА, „Месинџер“ и „Маринер 10“ направија блиски набљудувања и ја мапираа оваа карпеста планета, со што ги проширија нашите сознанија за најблиската планета до Сонцето. Покрај екстремно силната гравитација, пречка за истражување секако е оддалеченоста на Меркур од Земјата, како и исклучително променливата температура. Очигледно, условите на оваа планета се премногу екстремни за луѓето физички да ги истражат.

– Во теорија, може да се откријат дијаманти меѓу површинските материи. Мисијата („Бепи-Коломбо“, з.п.) вклучува инструменти што се понапредни од „Месинџер“ и кои се многу поделотворни во откривањето одредени минерали“, заклучи Кенон.

Мисијата „Бепи-Коломбо“, поддржана од Европската вселенска агенција – ЕСА и јапонската ЈАКСА, има за цел да го истражува Меркур, па влева голема надеж. Леталото ќе стигне до оваа планета до 2025 година.