Ракометната репрезентација на Македонија за натпревари на плажа, со пораз се прости од Европското првенство и заврши на 16. позиција. Во мечевите за пласман девојките предводeни од Златко Мојсовски испуштија победа над Романките, па загубија по пенали (1-2).

Средбата на португалските плажи во Назаре тргна израмнето, со поени на двете страни. Се играше егал во првиот сет, а Македонија со гол во последните секунди дојде до 16-14 и водство во сетови. Во продолжението одново нашите девојки беа подобри на теренот, почесто водеа, меѓутоа се опуштија на крајот.

По предноста од 10-6, Романките запишаа четири поени, наспроти еден за нас. Македонија имаше напад за победа при водство од 11-10, меѓутоа голманката Амра Терзиќ се обиде со шут од гол на гол и промаши, а тоа го казнија ривалките кои со 11-12 го освоија сетот. Потоа во доигрувањето и пенал завршница Романија со 8-3 дојде до триумф и 15. место.

Најефикасна на мечот беше Кондураче со десет поени, додека во македонскиот табор се истакнаа Ана Марија Божиновска и Теодора Гулицоска со по осум.

Прикажи повеќе