Ракометната селекција на Македонија има негатива по првите 30 минути против Црна Гора. Во Дебрецин, нашите избраници лошо отворија и дозволија противникот да постигне серија лесни погодоци и да ја има контролата врз резултатот, па во вториот дел ќе имаат задача да го анулира минусот од еден гол (16-17).

Двете селекции со пораз го отворија шампионатот. Македонија тесно загуби од Словенија, а Црна Гора беше немоќна против фаворизираната Данска, па затоа овој меч на двете селекции им е од круциално значење, доколку сакаат да останат во игра за главна фаза. Кирил Лазаров повторно на располагање го имаше Никола Митревски, кој поради позитивен тест на ковид-19 го пропушти првиот меч од шампионатот, но на овој меч на голот предност доби Мартин Томовски, кој со 14 одбрани имаше фантастичен меч со Словенија. На спротивната страна, Зоран Рогановиќ иако со негативен тест од Подгорица се упати за Унгарија, во Дебрецин остана во карантин и повторно не беше во можност да го води својот тим.

Мечот во „Феникс Арената“, каде македонските навивачи беа побројни на трибините и приредија одлична атмосфера, започна со серија грешки на нашите ракометари во фазата на напад и пет гола на Црногорците за само пет минути (1-5). Ѓоргиев, како и на мечот со Словенија, беше во стартниот состав на Лазаров, но повторно не се снајде најдобро, а на десната бековска позиција предност доби Серафимов место Велковски и одигра одлично во воведниот дел и ги постигна првите два гола за нашата селекција.

Со оглед на тоа дека техничките греши во офанзивата беше сè почести, Лазоров беше приморан да менува и на местото на Ѓоргиев во игра го внесе Филип Кузмановски, но во прв момент ниту тоа не донесе резултат, затоа што Црна Гора продолжи со квалитетната игра и со голот на Анѓелиќ во 15. минута поведе со 3-8. Лазаров го искористо своето право на прв тајм-аут и направи нови промени во составот, па искусниот Миркуловски и Кузмановски со четири гола за само неколку минути ја вратија неизвесноста на натпреварот (7-10).

Во последните десет минути од полувремето се влезе со позитива на Црногорците од три гола (9-12), но Велковски и Кузманоски со своите први погодоци намалија на само еден негатива. До крајот на полувремето Црна Гора ја задржа контролата на паркетот и на одмор замина со еден гол позитива.

Мартин Велковски со четири гола е прв стрелец во нашиот табор, а младиот Кузманоски кој имаше брилијантен меч со Словенија, полувремето го заврши со три погодоци. Во финишот меѓу стативите застана искусниот Митревски и веднаш собра две интервенции.