Едно од најголемите фудбалски имиња во историјата на македонскиот фудбал Андон Дончевски денеска го прославува својот 86. роденден.

Дончевски е првиот селектор на македонската фудбалска репрезентација, под чие водство „црвено – жолтите“ дебитираа на меѓународната сцена со триумфот од 4:1 против Словенија, на 13 октомври 1991 година во Крањ.

Роден на 19 октомври 1935 година во Кавадарци, својата фудбалска кариера Дончевски ја изгради во најтрофејниот македонски клуб Вардар. За првиот тим на „црвено – црните“ дебитираше во сезоната 1953/54 и неговиот дрес го носеше во наредните 12 години.

На вкупно одиграните 335 натпревари, од кои 187 првенствени средби, постигна 217 голови, со што е најдобар стрелец во историјата на Вардар.

Во 1961. година беше дел од вардаровиот состав кој го освои Купот на Југославија, додека во сезоната 1986/87 популарниот „чичко Дончо“ ја предводеше од клупата и „златната“ Вардарова генерација, до шампионската титула во југословенското првенство.  (МИА)