По состанокот со косовскиот премиер Албин Курти, специјалниот претставник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, рече дека ЕУ е фокусирана на нормализација на односите меѓу Србија и Косово, бидејќи ескалацијата на ситуацијата не е во ничиј интерес.

„Можеме да имаме нормализација или конфронтација, а дефинитивно ние сакаме целосно да се фокусираме на нормализација. Затоа сакаме да избегнеме било каква ескалација или било каква конфронтација. Тоа не е во ничиј интерес“, вели Лајчак.

Запрашан за хрватскиот модел за Заедницата, Лајчак рече дека прифатливо за ЕУ е она што „се заснова на европските норми и европски вредности, што е во согласност со постојните европски модели“.

„Нашата улога како олеснувачи е секогаш да најдеме средина и токму тоа се обидуваме да го направиме. Она што е прифатливо за Европската унија, е она што се заснова на европските норми и европски вредности и кое е во согласност со постојните европски модели“, додава Лајчак.

Од друга страна, косовскиот премиер Албин Курти рече дека на состанокот со Лајчак ја истакнал потребата за целосно спроведување на основниот договор. Според него, ЕУ треба да ја повика Србија на одговорност за континуираните прекршувања на договорот.

„Денеска го пречекав специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, во нашите владини канцеларии. Ја истакнав потребата од целосно спроведување на Основниот договор и потребата ЕУ да ја повика Србија на одговорност за континуираните прекршувања на тој договор“, рече Курти.

Лајчак в понеделник во Брисел ќе се состане со главните преговарачи на Косово и Србија, Бесник Бислими и Петар Петковиќ. Последната рунда од дијалогот меѓу Вучиќ и Курти се одржа на 2 мај во Брисел. На тој состанок, страните постигнаа договор за Декларацијата за исчезнатите од последната војна во Косово, но, исто така, го претставија и нацрт-статутот за формирање на Заедница на општините со српско мнозинство, кое беше подготвен од менаџерски тим, составен од четворица членови на српската заедница. Овој нацрт-статут не беше прифатен од страна на Владата на Косово и еден ден подоцна, членовите на менаџерскиот тим беа разрешени од страна на косовските власти. Србија сака да се формира Заедницата, додека владата на премиерот Курти се изјасни против едноетничката заедница.

Шкелзен Аќифи