И покрај најавената деескалација на теренот, гранатирањето на градинка во регионот на Донбас стана повод за нови меѓусебни обвинувања на Москва и Киев. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, откривајќи дека се проверува информација дали наемници од Албанија, Косово и Босна и Херцеговина креираат нереди во регионот, нагласи дека Украинците го прекршиле Договорот од Минск.

„Многу сме вознемирени од извештаите од вчера и завчера – за зачестеното гранатирање со оружје што е забрането со Договорот од Минск, а во врска со тоа сакам да укажам на фактот дека ова не е првпат режимот во Киев грубо да ги прекршува своите обврски“, вели Лавров.

Од друга страна, Украина и западните партнери се уверени дека про-руските сили стојат зад нападот, а воедно не ѝ веруваат на Москва дека повлекува војници и оружје од границата, барајќи цврсти докази.

„Иако Русија објави дека ги враќа своите сили во гарнизонот, тоа допрва треба да го видиме. Всушност, гледаме повеќе сили кои се движат во тој пограничен регион“, рече Лојд Остин – државен секретар за одбрана на САД.

Украинскиот министер за одбрана тврди дека во моментов на границата има околу 130 илјади руски војници, но не верува дека Русија ќе нападне.

„Има некои различни датуми за некакви настани и различни сценарија, но украинската армија ги проучи сите овие сценарија и е подготвена. Во никој случај не ја потценуваме заканата, но можноста за ескалација е релативно ниска во однос на голема инвазија над Украина“, изјави Олексеј Режников – министер за одбрана на Украина.

Од американскиот Стејт Департмент соопштија дека државниот секретар Ентони Блинкен ќе се сретне со Лавров следната недела, доколку дотогаш Русија не ја нападне Украина. Во меѓувреме, американските медиуми споделуваат информација дека нов можен датум за напад е 20-ти февруари, кога завршуваат руско-белоруските воени вежби.

Украина е главна тема и на Минхенската безбедносна конференција, каде генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и заменик-претседателката на САД, Камала Харис, нагласија дека мора да се почитува територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.

Лука Андреев