„Не се сомневам дека ќе се најде решение“, рече во интервју рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во пресрет на втората рунда преговори Киев-Москва. Тој додаде дека руските услови се добро познати и се „минимални“.

„Ние сме подготвени за преговори, но ќе ја продолжиме нашата операција, бидејќи не можеме да дозволиме опстојување на украинската инфраструктура која и се заканува на безбедноста на Русија. Овде мислам и на демилитаризацијата. Дури и да потпишеме мировен договор, оваа точка ќе мора да е вклучена“, рече Лавров.

Попладнево украинската делегација слета на полско-белоруската граница, каде е предвидено по вторпат да се сретнат.

Додека Русите велат дека ќе настапат со полна агенда, Давид Арахамија, членот на украинската делегација, на фејсбук напиша дека на маса најпрвин ќе биде поставено прашањето за хуманитарните коридори, а продолжението на преговорите би зависело од околностите. Украинските барања досега беа итен прекин на огнот и повлекување на руските трупи.

Инаку, утринава францускиот претседател Емануел Макрон повторно остварил телефонски разговор со колегите Путин и Зеленски. Како што соопшти Кремљ, Путин кажал дека целите на руската воена операција, демилитаризација и неутрален статус на Украина, ќе бидат постигнати.

Во соопштението се додава дека Путин го повикал Макрон да се вклучи во безбедносната евакуација на странци кои се наоѓаат на украинска територија. Од Елисејската палата не известија за содржината на разговорите со рускиот и украинскиот претседател, но посочија дека разговорот со Путин траел час и половина. Во меѓувреме, високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел повика војната да запре веднаш и итно да се воспостават хуманитарни коридори.

Лука Андреев