Македонскиот ракометен репрезентативец Филип Кузмановски знае дека големиот број на технички грешки и брзоплетоста во играта се главните причини за поразите на Македонија во првите две кола од Европското првенство во Унгарија.

„Искрено се чувствувам уморно, но и разочарано. Против Словенија имавме многу технички грешки и требаше да ги поправиме против Црна Гора, но тоа не се случи. Со доаѓањето на Лазаров имавме добри резултати, освен овие на ЕП. Имавме пех што имаме голем број на повредени, тоа се најбитните. Дејан Манасков, Никола Марковски, Стојанче Стоилов без кого останавме пред дуелот со Црна Гора, како и без Кире Лазаров кој се повреди на последниот тренинг. Има уште многу што да се поправа. Млада репрезентација сме и ќе оставиме времето да покаже што ќе се случи во следниот период. Против Данска нема што да загубиме. Навистина добро се подготвувавме, треба да одиграме добар меч, прво за себе, борбено. Пробуваме да играме нов систем, да не биде таа македонија од претходните првенства. Сакаме да пробаме брз ракомет со многу ротации и тука правиме многу технички грешки, не знам зошто. Треба добро да анализираме и да видиме“, рече Кузмановски на денешната средба со новинарите.