Кошаркарското клубско натпреварување во Европа „виси во воздух“. Вака изгледа текстот напишан од шпанскиот „Мундо Депортиво“, повикувајќи се на свои извори по двата состанока на претставниците на клубовите и лидерите на европското натпреварување, одржани во текот на претходната недела.

Притоа, клубовите изразија незадоволство, особено против Џорџо Бертомеу, кој ја загуби довербата. Тој ќе ја напушти својата позиција на чело на Евролига на крајот од оваа сезона, и тоа е единствената ставка која сите ја прифатиле, пишува овој реномиран весник.

Од 13-те клубови, некои беа задоволни од моменталната ситуација и бараат само некои мали промени, а тоа се Барселона, Реал и Басконија. Во исто време, има и други кои бараат радикални промени, особено во економски услови и сакаат поголеми приходи, па дури и напуштање на ова натпреварување и враќање во ФИБА. Макаби Тел Авив, Панатинаикос и Олимпијакос се во таа група, се вели во текстот.

Патот за оние кои би сакале да се вратат под покровителство на ФИБА ќе биде многу комплициран. Не треба да заборавиме дека 13 клубови потпишаа договор со компанијата „ИМГ“ и Евролигата до 2026 година. Санкциите за евентуално заминување чинат до 10 милиони евра, пишува во текстот.