Одлуката на Владата на Косово со која се бара од граѓаните кои сакаат да влезат во земјава да достават доказ за вакцинација против коронавирус со три или две дози плус RT-PCR тест не постар од 48 часа, може да се разгледа оваа недела, соопшти Министерството. за здравство на Косово.

Како што соопшти ресорното Министерство на официјалната страница на „Фејсбук“, евентуалната промена на одлуката, која е во сила од саботата – 22 јануари, ќе зависи од развојот на епидемилошката состојба и бројот на новозаболени од Ковид-19.

“Сите преземени мерки беа резултат на редовната анализа на епидемилошката состојба, консултациите со здравствени експерти и со Советодавната комисија во врска со Ковид-19, кои се третирани од Комитетот за координација во врска со Ковид-19, каде што учествуваат интитуциите кои се одговорни за менаџирање на пандемијата”, наведува Министерството.

Одлуката на косовската Влада за заострување на анти-ковид мерките, посебно обврската за потврда за примени три вакцини за влез во државата, предизвика реакции, како во земјата, така и во соседните држави.

Барање за промена на одлуката, односно враќање на претходната обврска за приложување доказ за примени две вакцини, меѓу другите упатија и првиот вицепремиер во Владата на Северна Македонија, Артан Груби, како и македонскиот министер за здравство Беким Сали, кој објави дека тоа барање му го пренел на неговиот косовски колега Рифат Љатифи, со кого имал телефонски разговор.

Вицепремиерот Груби во изјава за приштинскиот портал „Индексонлајн“ изрази изненадување од одлуката, напоменувајќи дека „здравствената состојба е иста и во Косово и во Северна Македонија и во Албанија, додека Светската здравствена организација (СЗО) и западните земји го разгледуваат укинувањето на ограничувањата“.

“Се надевам дека Владата на Косово ќе ја разгледа оваа одлука во текот на неделава и ќе ги врати претходните мерки”, изјави Груби.

Во образложението за новите мерки, Владата се повикува на најновата епидемиолошка ситуација, по порастот на случаите со Ковид-19. Иако според Институтот за јавно здравство на Косово, ситуацијата се смета за стабилна, сепак се вели дека опасноста останува, поради доминацијата на варијантата Омикрон на вирусот.

Последните денови во Косово имаше нагло зголемување на дневните бројки на заразени, така што само во последните 24 часа беа регистрирани 2.243 нови случаи, односно над 25 отсто од тестираните. Официјалната бројка на активни заболени во земјата, од околу 700, колку што изнесуваше пред петнаесетина дена, вчера достигна до 19.519, додека медицинските експерти очекуваат задржување на негативниот тренд и во наредниот период.