Манифестациите за одбележување на 14-годишнината од прогласувањето на независноста на Косово започнаа со поклонување на гробиштата во Преказ.
Војниците на КБС и припадниците на косовската полиција парадираа пред илјадниците граѓани собрани на плоштадот во Приштина.

Претседателката на Косово Вјоса Османи на свечена седница во Собрание рече дека процесот на дијалог со Србија ќе заврши со взаемно признавање.

„Нема да дозволиме овој процес на кој било начин да и предизвика главоболки на нашата држава и следствено на тоа нема да прифатиме ниту една опција насочена кон дефункционалност на нашата држава“, изјави Вјоса Османи, претседателка на Косово.

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека прогласувањето независност е резултат на ослободителната војна, за самоопределување и солидарност на демократскиот свет.

„Како премиер на земјата, разбирам и признам дека луѓето секојдневно кажуваат секакви работи за мене. Ќе го бранам нивното право да го сторат тоа, бидејќи нашата борба за слобода не беше само борба да се ослободиме од окупацијата, туку и да живееме слободно“, рече Албин Курти, премиер на Косово.

За време на неговото излагање пратениците од опозицијата ја напуштија собраниската сала. Опозицијата постојано ја критикува владата на Курти дека несоодветно се справува со здравствената и енергетската криза.

„Неприфатливо е да не се спомнуваат главните актери, поранешниот премиер Хашим Тачи кој свика вонредната седница за прогласување независност не може да не се спомне, улогата на поранешниот претседател на парламентот Јакуп Красниќи или поранешниот претседател Фатмир Сејдиу не може да се отповика“, нагласи Абералд Тахири, ДПК .

„Не го злоупотребувајте најважниот ден на Косово. Се претвори во седница на злоупотреба и политичка комуникација, седница која не требаше да биде ваква“, рече Бесник Тахири, АИК.

Голем број граѓани по повод 14-годишнината од независноста на Косово, се поклонија пред Меморијалниот комплекс „Адем Јашари“.

„Преказ за нас симболизира се, подобро нема како, животот го дадоа за нас, народот да биде среќен и слободен“.
„Преказ е свето место во кое ги дадоа своите животи за ние денес да уживаме“.

„Сега треба да работиме, но самите гледаме дека тие ги жртвуваа своите животи за денот што го имаме денес“.

За разлика од Албанците, Србите не ја однблежаа независноста на Косово

„Не дај Боже, каква независност на Косово ве молам. Дали сте свесни што прашувате. Прославивме, каква независност на Косово. Косово е дел од Србија“.

„Да бидам искрен, јас лично не славам. Како што можете да видите, тука се закачени знамињата на Србија, вчера и завчера беше денот на српското државјанство, така што луѓето овде на северот на Косово го слават денот на српското државјанство“.

Инаку, голем број српски граѓани од северот на државата, се вработени во косовските институции и се платени од буџетот на Република Косово, а и по 14 години независност ја негираат државата во која живеат.

Косово прогласи независност на 17 февруари 2008. Според списокот објавен на веб-страницата на Министерството за надворешни работи и дијаспора, 117 земји ширум светот го признаа. За 14 години државјанство, Косово е членка на повеќе меѓународни организации, меѓу кои финансиски и спортски. Косово се уште не е членка на Обединетите нации, Европската Унија, Советот на Европа, Светската трговска организација и друго.

Шкелзен Аќифи