Северна и Јужна Кореја, САД и Кина начелно се договорија да прогласат формален крај на Корејската војна, изјави денеска јужнокорејскиот претседател Мун Џе-ин.

Но, преговорите, додаде тој, допрва треба да започнат поради барањата на Северна Кореја.

Корејската војна, која траеше од 1950 до 1953 година, заврши со примирје, а не со мировен договор, потсетува Би-Би-Си. Оттогаш, Северна и Јужна Кореја се технички во војна, со поддршка на Кина и САД, соодветно, и во континуирани тензични односи.

Како што потсетува Би-Би-Си, Ким Јо-Јонг, моќната сестра на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, во септември сигнализираше дека нејзината земја може да биде отворена за преговори, но само доколку САД се откажат од, како што ја нарекоа, „непријателската политика“ кон Пјонгјанг.

Северна Кореја постојано се противи на присуството на американски војници во Јужна Кореја, но и на заедничките воени вежби на САД и Јужна Кореја, кои се одржуваат секоја година, како и на санкциите предводени од САД во спротивставувањето на севернокорејската програма за оружје. Сепак, Соединетите Држави постојано повторуваат дека Северна Кореја мора прво да се откаже од своето нуклеарно оружје пред да бидат укинати какви било санкции.

Јужнокорејскиот претседател денеска изјави дека Северна Кореја продолжува да го поставува ова барање како предуслов за разговори.

„Затоа не можеме да седнеме да разговараме или да преговараме за декларацијата. Се надеваме дека ќе бидат започнати разговори“, рече Мун на заедничката прес-конференција во Канбера со австралискиот премиер Скот Морисон.

Јужнокорејскиот лидер го постави ангажманот со Северот како камен-темелник на неговото претседателствување, а тој претходно тврдеше дека официјалната декларација за завршување на војната ќе го охрабри Северот да се откаже од своето нуклеарно оружје.