Градоначалникот на Тетово Биљал Касами на втората седница на Советот на Општина Тетово објави дека тетовската општина има вкупен долг од над 24 милиони евра. Советниците добија листа каде се набројани обврските на општината кон приватен сектор, јавниот сектор, приватни лица, некнижени обврски според договори и ставка именувана сомнително договорено обврски.

Advertisements

Претседателот на Советот Бесар Дурмиши го најави обраќањето на градоначалникот со образложение дека има да сподели јавна информација. Веднаш потоа советничката група на ДУИ ја напушти седницата.

-Сакам да го информирам советот за извештај кој е подготвен и кој ќе биде објавен јавно. Досега е констатирано дека Општина Тетово има над 864 милиони денари, училиштата над 4 милиони, ЈКП Тетово над 596 милиони, градски паркинг над 11 милиони денари или вкупно една милијарда 477 милиони 120 илјади и 659 денари или 24 милиони 18 илјади и 222 евра, истакна од говорницата градоначалникот Биљал Касами.

Советот донесе одлука да се додели помош од по 60 илјади денари на семејствата на луѓето кои ги загубија животите во сообраќајната несреќа во Бугарија кои се со живеалиште во Тетово. На седницата беше донесена одлука за прифаќање на помош од Светска банка со која ќе се набавува камион и контејнери за смет за комуналното претријатие. Верификуван беше мандат на советничка од ДПА која доаѓа на место од носителот на листата Пајтим Тачи кој се повлече од советничкото место.
Новинарите во Тетово не добија известување за одржување на седницата, која беше емитувана во живо на Фејсбук, но без можност да се слуша преводот од албански на македонски јазик кој го имаше во салата.

Прикажи повеќе