Косово не се откажува од рестрикциите на прекуграничното движење како мерка против ковид. На третиот ден од одлуката секое влегување на територијата на Косово е условено со три дози или две дози плус ПЦР тест, со што револтот на соседните земји постојано се зголемува.

„Со оглед на тоа дека состојбата со пандемијата во двете земји е речиси иста, бараме повторно разгледување на оваа одлука и изнаоѓање на уште една можност за заштита на здравјето на граѓаните на двете земји, но и да не се попречува нивното слободно движење“, наведоа од македонското Министерство за здравство.

Но, од Владата на Косово велат дека оваа одлука не се менува до 4 февруари. Според Министерството, Косово ги спроведува препораките на СЗО, но во одредени моменти секоја земја ги применува оние мерки кои ги смета за најпродуктивни во однос на спречување на ширење на инфекцијата, со цел да се задржи капацитетот на болнициците на ниво кое може да се менаџира и да се минимизира бројот на починати.

„Мерките што стапија на сила важат до 4 февруари. Дотогаш тие ќе бидат континуирано следени и оценувани во однос на напредокот на нивното спроведување. Новите мерки во Косово се за одреден период и нивното олеснување целосно зависи од спроведувањето и вакцинацијата како процес“, наведуваат од косовската влада.

На граничниот премин Морина, жителите на Кукс протестираа против одлуката, блокирајќи го националниот пат неколку минути.

„Ова не е фер, не можеме да си дозволиме да платиме 30 евра за тестови а треба да патуваме за Косово. Имаме работа преку граница како што секогаш правевме, ова е неправда“…

„Во Грција, Германија, Италија, каде и да одиме, од нас се бара само овој сертификат за вакцинација и не се бара ништо друго. Имаме слободно движење секаде освен во нашата земја меѓу нашиот албанско народ, ние се соочуваме со овие пречки“, велат демонстрантите.

Реакции имаше и од општина Прешево. Локалните власти побараа преиспитување на одлуката. Од 22 јануари за влез во Косово се потребни три дози вакцина против КОВИД или две дози и негативен ПЦР тест.

Аднан Ќаили