Регионот во централна Италија им нуди на паровите грант од 2.000 евра за организирање свадби во областа во обид да го зајакне бизнисот со угостителските објекти и локалниот сектор за свадби по пандемијата.

Регионот Лацио, кој го опфаќа главниот град Рим, е вториот најнаселен регион во Италија.

Како дел од иницијативата „Лацио со љубов“, одвоени се 10 милиони евра за враќање на парите до 2.000 евра на италијанските и странските двојки кога купуваат услуги или производи од локални угостители, организатори на свадби, цвеќари или компании за планирање венчавки.

Сите свадби одржани помеѓу 1 јануари и 31 декември 2022 година ќе бидат прифатливи за грант.

Грантот може да ги покрие и трошоците за меден месец, услуги за фотографирање и свадбена забава.

Официјалната веб-страница на регионот вели дека се надева дека грантовите ќе го поттикнат бизнисот во областа и ќе им помогнат на локалните добавувачи да се опорават од економските последици од пандемијата „Ковид-19“.

Италија има една од највисоките стапки на смртност од Ковид во светот и е една од првите земји што воведе карантин.

Во септември 2020 година, Асоевенти, огранок на италијанското деловно лоби Конфиндусрија за настани и свадби, изјави за Фајненшл Тајмс дека 85 отсто од планираните италијански свадби за таа година биле одложени поради пандемија.

Освен тоа, се проценува дека 9.000 планирани венчавки на странски парови се одложени или откажани.

Паровите кои прифаќаат регионална понуда ќе треба да достават доказ за најмногу пет сметки. Пријавите може да се поднесуваат до 31 јануари 2023 година или до истекот на средствата.