Најголем дел од граѓаните – 73 отсто се загрижени за климатските промени и за нивното негативно влијание врз квалитетот на живот на децата, но младите покажуваат поголема загриженост и поголема мотивација да дејствуваат, покажуваат резултатите од последното истражување на УНИЦЕФ на знаењата, ставовите и практиките на јавноста во врска со климатските промени и животната средина.

Според истражувањето, дури 62 отсто од испитаниците го сметаат загадувањето на воздухот за најголема еколошка закана, при што младите покажуваат поголема загриженост во споредба со другите возрасни групи. Помладите испитаници исто така искажале поголема мотивираност за учество во активности за заштита на животната средина. Истовремено, најактивната категорија граѓани кои лично презеле акција се испитаници на возраст од 15 до 18 години.

-Климатската криза не е веќе закана за иднината. Таа стана реалност и општеството е сè посвесно за овој проблем. Позитивен и исклучително надежен момент во целата оваа криза е тоа што децата и младите се мотивирани да сторат нешто за решавање на овој проблем, а ние имаме одговорност да продолжиме да создаваме простор за нивен ангажман и учество и на тој начин да овозможиме да биде слушнат нивниот глас и нивните потреби да најдат свое место при носењето одлуки, изјави Артур Ајвазов, заменик претставник на УНИЦЕФ во земјава.

Според 66 отсто од испитаниците, индустријата е факторот кој најмногу придонесува за климатските промени, по што следуваат транспортот и сообраќајот (мислење на 44 отсто од испитаниците). Горењето на отпадот на дивите депонии (40 отсто од испитаниците), односно загревањето на домаќинствата со необновлива енергија (38 отсто од исптаниците) се исто така наведени во истражувањето како најголеми придонесувачки фактори за климатски промени.

-Граѓаните беа поделени околу нивната подготвеност за личен ангажман во активности за климатска акција и заштита на животната средина. Додека 46 отсто од испитаниците се лично мотивирани да учествуваат во такви активности, високи 43 отсто не се согласуваат дека тие како поединци можат било што да направат во врска со климатските промени, а речиси половина од нив би сториле нешто само откако ќе видат дека другите околу нив направиле нешто. Иако речиси половина од испитаниците се чувствуваат мотивирано, само 19 отсто одговориле дека тие лично имаат направено нешто по ова прашање. Огромно мнозинство испитаници 90 отсто веруваат во влијанието на семејството во градењето свест за животната средина и климатските промени, а подеднаков број веруваат дека училиштата се најдоброто место каде учениците можат да разберат на кој начин нивните одлуки и активности влијаат врз животната средина и како да ја направиме нашата животна средина здрава и одржлива за во иднина, се посочува во истражувањето.

Истражувањето опфати 1.200 разговори лице в лице во вкупно 46 општини, како урбани така и рурални, со репрезентативно избран примерок на испитаници од сите осум статистички региони во државата. Тоа беше спроведено како дел од проектот „Зајакнување на младите и децата со цел да бидат активни двигатели на промени за намалување на ранливоста на заедницата кон климатските промени”, кој го спроведува УНИЦЕФ со финансиска поддршка од Шведската агенција за меѓународен развој (SIDA).

Клучните наоди од студијата послужија како основа за дискусија на млади еколошки активисти кои беа поддржани од УНИЦЕФ преку процесот на создавање на младински раководена Стратегија за комуникација и промени во однесувањето во врска со климатската акција и заштитата на животната средина наменета за целокупната јавност.