Многу украински граѓани кои беа меѓу првите кои ја напуштија земјата откако Русија ги започна нападите врз Украина, решија да се вратат во своите домови. И покрај тоа што руската армија продолжува интензивно да напаѓа градови, пензионерката Клара Улиганич, која веќе три недели престојува во Унгарија, го чека возот за да се врати во Украина. Седејќи на клупите на железничката станица со торба до неа, заедно со 40 нејзини сонароднички го чекаат превозот до дома.

„Тешко е да опишам со зборови. Сè уште не успеале да влезат во Киев, тоа е далеку. Не можам да го живеам животот треперејќи  од страв само затоа што доаѓаат Русите. Ако дојдат, пак ќе бидам бегалка, тоа е се“, вели Клара Улиганич- бегалка

Додека некои чекаат да се вратат дома, околу 60 деца се на друга станица, но се качуваат во возот што ќе ги однесе на побезбедно место. Членовите на медицинскиот тим во Медика им помогнаа на родителите со деца кои се лекуваат од рак да се качат во возот кој ќе однесе некои од нив во болниците во Варшава и Киелце. Андријана Кулик пристигна од Лавов со својот 10-годишен син Миша.

„Дојдов од Лавов со мојот син да го продолжиме неговото лекување. Има рак“, вели  Андријана Кулик, родител

Доминик Дазута, анестезиолог во болницата во Варшава, рече дека досега возот превезол 120 деца болни од рак од Украина во Полска.

„Некои од нив заминуваат во странство, некои мислам дека ќе одат во Германија да го продолжат лекувањето. Некои ќе одат во Италија, но ќе бараат понатамошно лекување ако може,  Доминик Дазута

Според Обединетите нации, најмалку 2,5 милиони Украинци ја напуштиле својата земја, главно во земјите на ЕУ. Со почетокот на конфликтот во Украина, Унгарија изјави дека ќе обезбеди помош за сите украински граѓани и државјани на трети земји кои би можеле да докажат дека биле легални жители на Украина пред војната. Бројот на оние кои ја напуштаат Украина секој час се зголемува. Снимката на „Асошиетед прес“ покажува долга редица луѓе кои чекаат да се качат во автобус а залихите се обезбедуваат во уличните шатори. Се работи за хуманитарна криза без преседан во Европа и најбрзиот егзодус на бегалци по Втората светска војна. /Алсат.мк

Еви Шкопи