Израел нема да објави официјален крај на непријателствата во Појасот Газа додека Хамас не ги повлече условите наметнати во последен миг.

Ова го соопшти портпаролот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и додаде дека кабинетот на Тел Авив нема да го одобри договорот што го постигнаа преговарачите во Доха.

Портпаролот рече дека израелските претставници остануваат во Катар.

„Вчера мислевме дека имаме договор, денеска Хамас направи измени на овој договор, дури и откако беше финализиран. Сега посредниците се обидуваат да побараат дополнителни компромиси од Израел. Токму вчера премиерот цврсто нагласи дека Хамас мора да го повлече последното барање за промена во распоредувањето на израелските сили во коридорот Филаделфија“, објави портпаролот на Бенјамин Нетанјаху. Според Би-Би-Си, Хамас побарал дополнително ослободување на двајца негови високи членови кои се наоѓаат во израелските затвори.

Официјално, палестинското движење тврди дека се придржува до договорот.

Според информациите за договорот кои беа објавени во јавноста, во првата фаза се очекува постепено повлекување на израелските сили од Појасот, како и ослободување на 33 заложници кои ги држи Хамас, во замена за палестински затвореници.

Вчера Катар и Соединетите држави објавија дека преговарачите во Доха се договориле примирјето да почне в недела, но неколку часа потоа Израел продолжи со нападите врз енклавата.