Љубовта е моќна сила, која може да нè лансира меѓу ѕвездите, да нè направи најсреќните суштества на планетата, но и да нè тресне силно на земјата, покажувајќи ни дека животот не е романтична бајка. Љубовните врски често завршуваат кога една личност ќе одлучи да ги пресече конците и да ги насочи емоциите во друг правец.

За жал, ние неретко се држиме за оние со кои сме поминале многу време и не сакаме да ги пуштиме да си одат од нашите животи, иако сè околу нас ни вели дека тие не ја заслужуваат нашата љубов. Не сакаме да ги уништиме спомените, да ги заборавиме ноќите поминати заедно, да ги избришеме илјадниците пати кога сме изговарале „Те сакам„ со душа чиста како солза…Не сакаме да бидеме нечие минато.

Да, можеме да се обидеме да ја вратиме личноста која раскинала со нас или да пробаме да ги поправиме расипаните односи, но секогаш треба да имаме на ум дека распаднатите врски се како скршено стакло – подобро е да ги оставиме скршени одошто да се повредиме обидувајќи се да ги поправиме.

Па, зошто треба ВЕДНАШ да се откажете од оној кој веќе се откажал од вас?

Сами сте во борбата за спас на врската, а „за танго се потребни двајца“. Врската е двонасочна улица. Во неа двете страни треба да вложуваат љубов, време и енергија, да даваат знаејќи дека ќе го добијат истото за возврат. Доколку напорите доаѓаат само од едната страна, врската е осудена на пропаст.

Тој веќе тргнал по нов пат. Велат: „Ако сакаш некого, ослободи го. Ако се врати, твој е, ако не, тогаш никогаш и не бил“. Доколку гледате дека личноста која најмногу од сè посакувате да биде покрај вас, не ни погледнува назад да ве побара, тогаш знајте дека таа веќе избрала друг пат. Вие треба да го направите истото.

Ќе покажете дека сте силни. Откажувањето неретко се смета за негативна особина. Но, кога е во прашање љубовта, работите се менуваат. Откажувањето од врска која била раскината од едната страна значи дека сте биле доволно силни да кажете „НЕ“ на страдањето, на солзите и на деновите поминати меѓу четири ѕида прашувајќи се каде сте погрешиле.