Украинскиот претседател Володимир Зеленски, чија земја се соочува со масовна неиспровоцирана инвазија од соседна Русија, ја повика Европската унија веднаш да ѝ даде членство на Украина по посебна процедура.

„Нашата цел е да бидеме со сите Европејци и што е најважно, да бидеме еднакви. Сигурен сум дека тоа е фер. Сигурен сум дека го заслужуваме тоа“, рече тој во видео говор споделен на социјалните мрежи.

„Европејците се сведоци како нашите војници се борат не само за нашата земја, туку и за цела Европа, за мирот, за мирот за сите, за сите земји од Европската унија“, рече Зеленски.

„Украинците му покажаа на светот кои сме ние, додека Русија покажа во што се претвори… Секое злосторство, секое гранатирање од страна на окупаторот само повеќе не обединува“, додаде Зеленски.

Зеленски, исто така, упати апел до руските војници и ги повика да го положат оружјето.

„Оставете ја вашата опрема. Заминете одовде. Не им верувајте на вашите команданти. Не им верувајте на вашите пропагандисти. Само спасете ги вашите животи“, рече Зеленски во ново обраќање до руските сили, додавајќи дека повеќе од 4.500 руски војници веќе ги изгубиле нивните животи за време на нападот на Кремљ.