Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека повикува на состанок со Русија следната недела за да се поттикнат преговорите за прекин на огнот.
„Динамиката на преговорите мора да се подобри. Треба да направиме сè што е можно за да постигнеме прекин на огнот. Руската страна мора да престане да избегнува одлуки во врска со размена на затвореници, враќање на деца и прекин на убиствата“, рече Зеленски.
„Средбата на лидерско ниво е од суштинско значење за вистински да се обезбеди мир. Украина е подготвена за таков состанок“, додаде тој.
Во меѓувреме, рускиот државен медиум ТАСС објави дека извор близок до рускиот преговарачки тим потврдил дека го добиле предлогот од Киев за состанок.
Последната рунда преговори за прекин на огнот во Истанбул заврши брзо на почетокот на јуни, при што руските и украинските делегати се состанаа на околу еден час. Според руските државни медиуми, Русија поставила максималистички територијални барања како дел од нивните предуслови за прекин на огнот. Украина претходно одби да разгледа какви било територијални отстапки во замена за мир.
Повикот на Зеленски за разговори доаѓа веднаш откако американскиот претседател Доналд Трамп му понуди на рускиот претседател Владимир Путин 50-дневен рок за постигнување прекин на огнот пред САД да воведат високи царини за руски стоки, заедно со „секундарни царини“ за стоки од земји што купуваат руска нафта.
„Ќе воведеме многу строги царини ако не постигнеме договор за 50 дена“, рече Трамп за време на состанокот со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Овалната соба претходно оваа недела.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги отфрли заканите на Трамп за царини како обична дрскост.
„Педесет дена – порано беа 24 часа. Порано беа 100 дена. поминавме низ сето ова“, рече Лавров.
Текстот Зеленски повикува на нова рунда преговори со Русија следната недела е превземен од МАКФАКС.