Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека билатералниот договор за клучните минерали за кој се разговара со Соединетите држави се уште не е готов и не содржи одредби со кои Киев сака да ги заштити своите интереси.

Договорот е од клучно значење за напорите на Киев да ја добие поддршката од Доналд Трамп бидејќи американскиот претседател бара брз крај на војната со Русија, а Киев безбедносни гаранции за да се заштити од нова инвазија во случај да се постигне мир.

„Не им дозволив на министрите да го потпишат договорот бидејќи, според мене, тој не е подготвен да не заштити нас, нашите интереси“, рече Зеленски на прес-конференција на маргините на годишната Минхенска безбедносна конференција, на која се собраа глобалните политички и воени лидери.

Зеленски го претстави договорот во интервју за „Ројтерс“ минатата недела, разоткривајќи мапа на која се прикажани бројни наоѓалишта на минерали и велејќи дека станува збор за заемно корисно партнерство за заеднички развој, а не за нивно подарување.

Предметните минерали ќе вклучуваат ретки метали како што се титаниум, ураниум и литиум.

Трамп, кој не се обврза да продолжи со воената помош за Украина, рече дека сака 500 милијарди долари во минерали од Киев и дека поддршката на Вашингтон треба да биде обезбедена.