Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, вечерва се обрати од апликацијата Зум и испрати порака до демонстрантите ширум Европа, кои вечерва излегоа на улиците за да ја поддржат Украина.

– Првата минута од ова обраќање ќе биде едноминутно молчење за сите кои паднаа во борбата за својата земја, за нашите војници, за сите оние кои прават херојски дела бранејќи ја нашата земја, за оние кои ги дадоа своите животи – рече Зеленски.

Протести се одржуваат во Братислава, Франкфурт, Прага, Лион, Тбилиси, Виена и Вилнус. Зеленски им посака се најдобро, велејќи дека украинските војници, херои, деновиве ги штитат Украина и Европа.

– Нашите војници, нашите херои деновиве ја чуваат нашата Украина, нашата Европа и вашата Европа – рече Зеленски.

– Сакам да излезете на улиците на вашите градови и да ја поддржите Украина, да ги поддржите нашите напори и нашата борба, бидејќи ако Украина падне, ќе падне и Европа. Ако ние паднеме, ќе паднете и вие, затоа ве молам не молчете и не вртете ја главата – порача украинскиот претседател.

– Излезете надвор и поддржете ја Украина колку што можете. И ако победиме, а сигурен сум дека ќе победиме, тоа ќе биде победа за целиот демократски свет.

Тоа ќе биде победа за нашата слобода. Тоа ќе биде победа на светлината над темнината, слободата над ропството. Ако победиме, ќе напредуваме како Европа, а Европа ќе напредува повеќе од кога било по таа славна победа.

Слава на Украина – порача Зеленски./Makfax