Премиерот Зоран Заев на отворањето на економскиот самит, кој е во организација на лондонски „Економист“ и се одржува во Скопје изјави дека нашата држава ги исполнила сите услови за членство во ЕУ, а упати благодарност за поддршката на земјите членки на Унијата, а особено за Мицотакис и САД за постојаната поддршка.

Што се однесува до економските политики, порача дека резултатите се веќе препознаени и дека оваа Влада работи на подобрување на условите за инвеститорите, како домашни така и странски, за подобрување на економската клима, повеќе работни места и подобри плати.

-Владата на Северна Мaкедонија посветено работи на економскиот развој, нови работни и добро платени места, фер услови за инвестирање, како за домашните така и за странските инвеститори. Новите инвестиции ја зголемуваат економската активност во државата, кризата се смирува, изјави Заев.

Заев изјави дека благодарејќи на добрите економски политики, просечната плата во Македонија расте. Како што вели тој во јули оваа година таа изнесувала 28.744 денари или нешто повеќе од 460 евра.

Инаку, Скопје денеска е домаќин на Western Balkans Summit 2021, престижен настан во организација на видниот The Economist.

Оваа година вториот Самит на Западен Балкан, организиран од The Economist е насловен како „Промовирање на инклузивноста и солидарноста на Европа“.

Во време кога глобалната заедница се уште води битка против ковид-19, владите и меѓународните институции се фокусираат на имплементација на политиките што ќе им овозможат враќање на конкурентноста и растот.

Ќе учествуваат функционери од нашата држава, актуелни и поранешни премиери на земјите од регионот, како и поранешни функционери од бројни други земји.