Европската унија одобри нов пакет санкции против Русија за окупацијата на Украина. Санкциите вклучуваат забрана за инвестиции во енергетскиот сектор на Русија, извоз на луксузни стоки и увоз на производи од челик од Русија. Со санкциите се замрзнуваат и средствата на многу деловни лидери кои ја поддржуваат руската држава – вклучувајќи го и сопственикот на фудбалскиот клуб Челзи, Роман Абрамович. Санкциите ќе ги погодат големите руски нафтени компании – Роснефт, Транснефт и Гаспром Нефт – иако земјите-членки на ЕУ може да продолжат да купуваат нафта и гас од нив.

Француското претседателство со Советот на ЕУ, најави дека ќе биде укинат и трговскиот статус на Русија како „најпривилегирана нација“ во Светската трговска организација. Покрај симболичен потег, ова може да ја отвори вратата за дополнителни ограничувања преку царинските тарифи и увозните квоти. Во меѓувреме, американскиот претседател Џо Бајден вети дека ќе продолжи да ја снабдува Украина со оружје, храна и пари. Во објава на Твитер, Бајден рече дека САД, исто така, ќе ги пречекаат украинските бегалци со раширени раце. Тој рече дека САД обезбедуваат „десетици илјади тони хуманитарни материјали“ за Украина на дневна основа.

Минатата недела Бајден потпиша пакет за итни трошоци, кој предвидува 13,6 милијарди долари помош за Украина – околу половина од нив воена помош. Американските медиуми објавија дека администрацијата на Бајден размислува и за забрзување на имиграциските процедури за раселените Украинци кои имаат врски со САД. Во меѓувреме, ОН издвојува уште 40 милиони долари хуманитарна помош за Украина. Речиси три милиони лица ја напуштија Украина откако рускиот претседател Владимир Путин нареди инвазија на Украина пред три недели.

Арта Тахири

Прикажи повеќе