По одлуката да се разгледаат кандидатурите за членство во ЕУ на Украина, Грузија и Молдавија, дипломатите во ЕУ инсистираат дека тоа ништо не менува за процесот на земјите на Западниот Балкан, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Вчера амбасадорите на 27-те земји членки на ЕУ едногласно донесоа одлука да побараат од Европската Комисија да ги разгледа барањата на Украина, Грузија и Молдавија за зачленување во европскиот сојуз.

Три различни дипломатски извори за МИА потврдија дека за време на состанокот неколку амбасадори на земји членки го отвориле прашањето за земјите од Западниот Балкан, кои со години се заглавени во процесот на проширување без голем напредок кон полноправно членство.

-Да, стана збор за Западниот Балкан на состанокот за да се каже дека е јасно дека оваа одлука ништо не менува за европската перспектива за Западниот Балкан и за процесите во тек или под дискусија со Балканот, рече за МИА висок дипломатски извор од голема земја членка на ЕУ по вчерашниот амбасадорски состанок.

Процесот на зачленување за Украина, Грузија и Молдавија, доколку оди по редовен пат како што е за Северна Македонија и другите, би можел да трае многу долго, велат дипломатите, со оглед на тоа дека основните политички и економски реформи во овие земји се сѐ уште далеку од стандардите на ЕУ. Се поставуваат и други политички прашања околу овие земји, освен фактот што Украина е во војна, а тоа дека сите три држави има сецесионистички територии – Транснистрија во Молдавија и Абхазија и Осетија за Грузија.

Во овој момент од институциите на ЕУ не појаснуваат која ќе биде процедурата за произведување на мислење на Европската Комисија за апликациите на овие три источни земји, се чека прво дискусијата на шефовите на држави и влади на ЕУ во петок во Франција на оваа тема.

Некои земји членки, главно источноевропските, бараат забрзана процедура за Украина, Грузија и Молдавија, предлог за кој кочат традиционално воздржаните земји кон проширувањето, како Холандија или Франција.