Францускиот претседател Емануел Макрон денеска го повика Израел да го забрза повлекувањето на своите трупи од јужен Либан бидејќи се наближува крајниот рок за повлекување на 27 јануари според договорот за прекин на огнот меѓу Израел и либанската милитантна група Хезболах.
Говорејќи за време на посетата на Бејрут, Макрон рече дека Франција го поддржува распоредувањето на либанската армија во јужен Либан, велејќи дека таа претставува „столб на суверенитетот на Либан“, објави Ројтерс.
„Потребно ни е целосно повлекување на израелската армија“, рече Макрон на заедничката прес-конференција со новоизбраниот либански претседател Џозеф Аун.
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ќе го посети Либан, за прв пат од 2020 година, за да помогне во забрзувањето на формирањето влада која може брзо да ги спроведе реформите и да го отвори патот за обнова на земјата.
Макрон е во посета на земјата во време кога Франција сака да ја нагласи важноста на суверенитетот на Либан и да го поддржи спроведувањето на структурните економски реформи кои би ја вратиле довербата на меѓународната заедница, пренесоа светските агенции.