Бомбаш самоубиец во шиитска муслиманска џамија во северниот пакистански град Пешавар уби најмалку 56 верници за време на петочната молитва, а рани 194, соопштија болничките власти.
Ниту една милитантна група досега не ја презеде одговорноста за нападот.

Познато е дека „Исламска држава“ и пакистанските талибанци во минатото извршиле слични напади во оваа област, недалеку од границата со Авганистан. Пакистанските талибанци дејствуваат одделно од авганистанските талибанци.

Портпаролот на болницата во Пешавар, Асим Кан, изјави дека многу од ранетите се во критична состојба, пренесе АП.

Началникот на градската полиција Мухамед Ејаз Кан изјави дека насилството започнало кога вооружен напаѓач почнал да пука кон полицијата пред џамија во стариот дел на Пешавар.

Во судирот загинал еден полицаец, а друг е ранет. Напаѓачот потоа влетал во џамијата и активирал експлозив во својот елек.

Прикажи повеќе