Групата „Сноу патрол“, Ед Ширан, Камила Кабело, Емели Санде и Грегори Портер се првите уметници најавени за Концертот за Украина – двочасовен настан за собирање пари и средства за добротворни цели во Украина, закажан за наредниот вторник – 29 март.

Како што беше најавено минатата недела, „ИТВ“, „СТВ“ и „Лајввајер пикчрс“ се здружија со Комитетот за итни случаи при катастрофи (ДЕЦ) и групацијата „Медија ентертејнмент глобал“ за тековниот Хуманитарен апел на ДЕЦ Украина. Добротворниот концерт ќе се одржи во „Ресортс ворлд арена“, во Бирмингем, Велика британија. Билетите ќе бидат пуштени во интернет-продажба утре (вторник, 22 март).

Дополнителни податоци за настапувачите ќе бидат објавени во наредните денови.

Сите приходи од гледачите, како и спонзорствата и рекламирањето – од каде што се очекува да се соберат најмалку 3 милиони фунти, ќе одат во донации. Преносот ќе ги комбинира музичките изведби со куси видеоснимки за војната во Украина. Гледачите ќе можат да даруваат пари во текот на целата вечер.