Албанскиот премиер Еди Рама критиките од ВМРО упатени кон Димитар Ковачевски ги нарече хистерија која наликува на кафанска караница меѓу чад од ќофтиња.

Advertisements

ВМРО и денеска продолжи да бара одговорност од Ковачевски бидејќи се смеел кога Рама го претстави како премиер на „идната западна Бугарија“. Од СДСМ велат – изјавата на Еди Рама била иронична.

За настанот во Солун денеска реагираше албанскиот премиер Еди Рама на својот твитер профил. Додека опозицијата во земјава повторно бара оставка од премиерот поради тоа што Рама го претстави Димитар Ковачевски како премиер на „Западна Бугарија“, албанскиот премиер возврати:

„За смеење и плачење е хистеријата на некои во Скопје кон премиерот Ковачевски, по објавувањето на видеото од ракувањето со канцеларот Шолц во Солун, каде ја иронизирав грдата блокада на Северна Македонија од Бугарија! Кафанска караница меѓу чад од ќофтиња…“ напиша Еди Рама, Премиер на Албанија.

Но, ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека премиерот го погазил достоинството на државата на меѓународна сцена, со што Македонија е посрамена пред балканските лидери и германскиот канцелар.

„Што има за смеење и радување господине Ковачевски? Ако вака понизно и со измеќарски пристап реагирате на јавни омаловажувања и понижувања на Република Македонија, тогаш е јасно дека вие немате кредибилитет и авторитет во меѓународните односи да ги застапувате и штитите македонските национални и државни интереси“, рече Владо Мисајловски – потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Социјалдемократите нагласија дека Христијан Мицкоски треба да преземе одговорност бидејќи „едно зборувал дома, а друго надвор“, потсетувајќи на неодамнешната Резолуција на Европската народна партија.

„ВМРО-ДПМНЕ прво треба да побара оставка од Христијан Мицкоски. Тој е тој што присуствуваше во Ротердам на конгрес на ЕПП, каде што беше усвоена Резолуција, во којашто се вметнати бугарските позиции. Токму Христијан Мицкоски што треба да им се извини на граѓаните и којшто треба да поднесе оставка“, реагираше Богданка Кузевска – портпарол на СДСМ.

Според СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да изврти иронична изјава на Рама, чиј сарказам бил познат во јавноста. Еди Рама и претходно правеше слични мајтапи со Ковачевски.

Во Србија, кога Ковачевски лани отпатува заедно со Зоран Заев, при едно фотографирање, Рама Ковачевски го претстави како премиер на Црна Гора.

Лука Андреев