Фудбалските репрезентации на Франција и Белгија вечерва обезбедија учество на завршницата на Светското првенство кое следната година ќе се игра во Катар.

На едно коло пред крајот од квалификациите, европските гиганти се сигурно први во своите групи и веќе може да мислат на Мундијалот.

Франција со убедливо 8:0 го победи Казахстан. Овој меч посебно ќе го памти Килијан Мбапе кој во првите 32 минути од мечот постигна три гола, а на крајот имаше четири погодоци/

Во второто полувреме се разигра Карим Бензема кој постигна два гола, а еднаш мрежата на гостите ја затресоа и Рабиот и Гриезман. Во пресрет на последното коло, Франција сега има 15 бода, четири повеќе од втората Финска.

Белгија со 3:1 ја победи Естонија и со тоа го обезбедија првото место во групата Е. Бентеке, Караско и Азар беа стрелци на погодоците за домаќините кои обезбедија пласман на СП во Катар.

Холандија беше на чекор да се приклучи на Франција и Белгија, но Лалињата имаа кошмарни последни 10 минути на гостувањето кај Црна Гора во Подгорица. Гостите водеа со двата гола на Мемфис Депај и со три бода ќе беа сигурни учесници на планетарниот собир.

Сепак, Црногорците не се предадоа и дадоа два гола во последните 10 минути. Најпрво Вукотиќ погоди за 1:2, а Вујновиќ го комплетираше шокот за гостите.

Холандија со овој бод е прва во групата со 20 бодови, пред Турција и Норвешка кои имаат по 18 бодови. Во последното коло, Холандија на свој терен ќе игра против Норвешка и тоа ќе биде директен дуел на две селекции кои претендираат за место на Мундијалот.