Велики четврток е ден кога се вапцаат велигденските јајца. Сега се наоѓаме во средината на Страдалната седмица, седмица која е полна со важни настани за спасението на човекот.

На овој ден рано наутро пред изгрејсонце, домаќинките ги бојадисуваат првите велигденски јајца.

Најпрво каснуваат малку леб, се вртат кон исток, се прекрстуваат и ги бојат првите три црвени јајца. Првото јајце, божјаче, откако ќе се бојадиса се остава да го „фатат“ првите зраци од сонцето, а потоа се будат децата и со него на лицето им се прави „Црвено-бело“.

Се верува дека првото вапцано јајце има волшебна моќ:

Се верува дека првото јајце било наменето на Господ и се викало Господово јајце, второто на домаќинот – главата на семејството, а третото на стоката и бериќетот. Особено повеќе обичаи и верувања се поврзани со јајцето првак за кое се верува дека има волшебна моќ.

Тоа подоцна стои пред иконата, со него се враќа облак, се лекуваат болести кај луѓето и стоката, тоа заштитува од пожар, гром и слично.

Првото јајце се вика – Божјаче и се чува цела година, до наредниот Велики четврток, и само ова јајце не скапува!

Останатите јаца се бојадисуваат во различни бои и на различни начини, а еве кои се значењата на боите на велигденските јајца:

  • Црна – вечност
  • Жолта – светло, среќа
  • Црвена – божествена љубов, надеж
  • Кафена – среќа
  • Бела – чистота, невиност
  • Портокалова – издржливост и сила
  • Зелена – раст
  • Виолетова – надеж и вистина
  • Сина – здравје.