Серхио Агуеро вчера објави крај на својата неверојатна кариера. Поради проблеми со срцето, Аргентинецот ја донесе најтешката одлука во кариерата – на 33 години мораше да ги закачи копачките.

Еден од главните кардиолози, д-р Мигел Вегас, кој ја следи здравствената состојба на Агуеро откако првпат почувствувал проблеми со срцето во 2004 година, објасни зошто Аргентинецот морал по секоја цена да донесе толку тешка одлука.

„Агуеро има таков тип на аритмија која, во некои случаи, за жал може да доведе до прекин на срцевата работа. Таква аритмија не може да се развие кај „обичните“ луѓе и тоа е карактеристично само за спортистите чие тело со години е изложено на голем напор. Агуеро има мала лузна на срцето, пократка од милиметар што ги создава споменатите аритмии. Ова можеме да го решиме со поставување катетер, ќе живее сосема нормално, ќе може да се занимава со спорт, но рекреативно. Професионалниот спорт е нешто друго во овие времиња, а Агуеро не е подготвен за тоа. Ова беше единствената одлука што требаше да ја донесе, бидејќи можеше да биде и полошо“, објасни д-р Мигел Вегас.

Серхио Агуеро во кариерата настапуваше за Индепендиенте, Атлетико Мадрид, Манчестер Сити и за Барселона. Постигна 420 гола и освои 21 трофеј.