Додека Русија и Украина водат битка за освојување на челичарницата Азофстал, во Брисел се бие битка како да се обезбеди консензус за забрана на руската нафта во Европската Унија.

Зависноста од руските енергенси го продолжи списокот на земји – членки кои бараат да бидат изземени од ембаргото.

Advertisements

По Унгарија, Словачка, Чешка и Бугарија, и Хрватска, како што пишуваат медиумите во Загреб, бара да биде изземена и да може да увезува таканаречена вакум гасна нафта за производство на дизел. Неофицијално, во Брисел веќе се направени нови отстапки за Унгарија, Чешка и Словачка, на кои им е даден транзициски период до крајот на 2024-та година да можат да користат руска нафта. Таква можност бараше, но не доби и Софија, која според бугарските медиуми, се заканила со вето на пакетот санкции кон Русија.

-Целосно разбираме дека одредени земји – членки се во специфична состојба поради географската положба и зависноста од руските гасоводи. Ние ги зедовме предвид овие грижи во нашиот предлог. , изјави Ерик Мамер, портпарол на ЕК.

Сепак, ваквите отстапки и натаму не се доволни унгарскиот премиер Орбан. Останува на позицијата дека ќе стави вето на новиот пакет санкции, зад чие усвојување мора да застанат сите земји членки.

-На Унгарија би ѝ требале најмалку пет години за да го трансформира својот сегашен систем, кој 65% се потпира на руската нафта. Сегашниот предлог на Европската Комисија за забрана на увозот на руска нафта претставува „атомска бомба“ фрлена врз унгарската економија., изјави Виктор Орбан, премиер на Унгарија.

Санкциите предвидуваа најдоцна за шест месеци Европската Унија целосно да се ослободи од руската нафта, во рамките на досега најтешкиот шести пакет мерки. Од почетокот на инвазијата на Украина пред два и пол месеци, Унијата ѝ плати на Русија повеќе од 47 милијарди евра за гас и нафта.