Многу деца во неколку европски земји страдаат од труење со храна откако се заразиле со салмонела, а се верува дека оваа опасна бактерија ја добиле со конзумирање на популарното чоколадо „Киндер јајце“.

Според британскиот Дејли Телеграф, супермаркетите како Вејтросе, Теско, Морисонс, Лидл и Асда ги повлекле чоколадите од полиците. Мал број пациенти морало да бидат хоспитализирани, а само во Британија се проценува дека најмалку 63 деца се заразиле, многу од нив на возраст под пет години. Би-Би-Си објави дека случаи на труење се регистрирани и во Ирска, Франција, Германија, Шведска и Холандија.

Најмалку 19 случаи се пријавени во Франција, 10 во Ирска, шест во Германија и два во Холандија. Сите се поврзуваат со консумирањето на Киндер јајце, објави британската Агенција за контрола на храната (ФСА) , пренесува Гардијан.

Салмонелата предизвикува повраќање, дијареа и грчеви во стомакот, а често се наоѓа во непастеризирано млеко, јајца и недоволно варено месо. Повеќето пациенти закрепнуваат по неколку дена, но кај некои, особено кај децата, симптомите може да бидат доста тешки и може да предизвикаат големи проблеми кај оние со ослабен имунолошки систем.

Сопственикот на брендот Киндер, „Фереро“, тврди дека ниту еден од тестовите на нивните производи кои излегле од фабриката во белгиските Ардени, не бил позитивни на присуство на салмонела.

Станува збор за слатки кои имаат рок на траење до октомври 2022 година, а се пакувања од по три. Но, од пазарот во Ирска и Велика Британија се повлечени и пакувањата „Kinder Mini“, „Kinder Egg Hunt Kit“, „Kinder Surprise Maxi“ од 100 грама и Kinder Schokobons.