Дали Брисел врши притисок врз Софија за зелено светло за евроинтегративниот процес на Скопје, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен не одговори конкретно. Таа е во Бугарија да го презентира планот за новите 12 милијарди евра инвестиции во земјата. Сепак, дер Лајен пред бугарскиот премиер Кирил Петков потсети дека Европскиот совет им ветил на Македонија и Албанија почеток на преговори.

„Основните ветувања кон нашите партнери се многу важни. Јас сметам на Бугарија, дека вие многу вешто ќе управувате со процесот и сте во состојба тоа да го направите“, речеУрсула фон дер Лајен – претседател на ЕК.

Во меѓувреме, прашањето за блокадата на Македонија, ја разниша стабилноста на коалицијата предводена од Петков. Партнерот во Владата, Слави Трифонов обвини дека премиерот „некаде на темно“ договорил почеток на преговорите со ЕУ до јуни, без дополнителни услови за Скопје. За темата за Македонија согласност нема ниту кај останатите владини партнери.

„Треба јасно да си ги заштитиме националните интереси, но тоа вклучува и Македонија да стане член на европското семејство заедно со нас…“,изјави Христо Иванов – претседател на „Демократска Бугарија“.

„Се слушаат информации дека се работи до јуни да биде решено прашањето, но и чисто технички ако сакате, тоа нема како да се случи. Многу нешта треба да се исполнат од Договорот за добрососедство, што не се исполнети“, нагласи Георги Свиленски – Бугарска социјалистичка партија.

Премиерот Димитар Ковачевски кажа дека засега нема заемно прифатливо решение, ниту пак тајни преговори, а опозицијата го повика да реферира пред пратениците.

„Не постои никакво тајно преговарање, ниту таен договор. Знаете дека во односите со Бугарија имаме односи коишто се базираат на искрена комуникација помеѓу двете Влади и двајцата премиери“, изјави Димитар Ковачевски – претседател на Владата.

„Денеска испративме барање до премиерот Ковачевски во текот на месец април да се појави пред Комисијата за надворешна политика и да ги достави нацрт-документите за коишто Владата на Македонија разговара со официјална Софија“, рече Антонијо Милошоски – ВМРО-ДПМНЕ.

Засега не е познато дали за премиерот е прифатливо барањето на опозициските пратеници.

Лука Андреев