Легендарниот Руд Гулит остро ги критикуваше американските сопственици на фудбалски клубови во Европа. Славниот Холанѓанец посебно се осврна на сопственикот на Милан, Гери Карневале, со оглед на тоа што се прослави како играч во италијанскиот великан.
Гулит играше за Милан во најславната ера на клубот, кога со клубот раководеа Силвио Берлускони и Адријано Галијано.
„Берлускони беше еден од најдобрите претседатели што можам да ги замислам. Доаѓаше на тренинг секоја недела, разговараше со нас и беше навистина харизматичен. Тој заврши одлична работа. Мило ми е што имав шеф како него. Истата харизма ја има и актуелниот претседател на Реал Мадрид (Флорентино Перез). Важно е да се има водечка фигура која вистински го сака клубот, личност која точно знае што треба да се направи за да се пренесе таа страст во тимот. Ова им е заедничко на двајцата“, рече Гулит.
Сопственикот на Милан Гери Карневале неодамна изјави дека е бизнисмен и дека заработувањето пари е негова главна цел, а не освојување трофеи. Познатиот клуб овој месец го прослави својот 125 роденден, а на прославата присуствуваа бројни клупски легенди, но не и сопственикот на клубот кој живее во Америка, што ги налути навивачите.
„Денес, клубовите често се во сопственост на Американци кои купуваат клубови за да заработат пари, а не поради нивната историја. Понекогаш работите стануваат многу потешки. Не е случајно што меѓу најсилните постои таква личност што го сака клубот, но ја знае и неговата историја“, изјави Гулит.
Текстот Гулит: На американските газди важни им се парите, не го разбираат фудбалот е превземен од МАКФАКС.