„Северна Македонија: Владата на Заев ја преживеа иницијативата за недоверба поради немање кворум во Собранието“, „Пораз за опозицијата во Северна Македонија, која не обезбеди 61 пратеник за да го „турне“ Заев“, „Северна Македонија: Како Заев го надмина предлогот за недоверба“, „С. Македонија: Трилер седница за гласањето недоверба на Заев“, „Северна Македонија – Заев се спаси во последната минута“, „Северна Македонија: Заев го доби облогот“… се дел од насловите во онлајн изданијата на грчките медиуми за вчерашната седница на Собранието, јави дописничката на МИА од Атина.

Advertisements

Грчката новинска агенција АНА-МПА, во текстот што го пренесуваат електронските изданија на медиумите, детално пишува за вчерашните случувања, коментирајќи дека поради немање кворум пропадна иницијативата за гласање недоверба на Владата на Зоран Заев, но и дека настана „драма со албански пратеник“.

Агенцијата објаснува дека пратеникот Кастриот Реџепи од редовите на БЕСА преку социјалните мрежи соопшти дека нема да присуствува на седницата, а „опозициските партии, вклучувајќи ја и БЕСА, покренаа сомнежи дури и за „киднапирање“ на Кастриот Реџепи, прашувајќи се дали неговиот живот е во опасност“.

АНА-МПА ги пренесува и ставовите од ВМРО-ДПМНЕ, но и пишува дека нов предлог за гласање недоверба на Владата може да биде поднесен по три месеци, „освен ако нема поддршка од мнозинството пратеници и во тој случај, предлогот може да се поднесе во секое време“.

– Зоран Заев, сепак, веројатно не се чувствува особено „среќен“, со оглед на тоа дека во моментов води малцинска влада. Коалицијата на Социјалдемократската партија (СДСМ) има 43 пратеници, 15 пратеници има албанската партија ДУИ на Али Ахмети и еден Демократска партија на Албанците. Вкупно, партиите од владејачката коалиција имаат само 59 места во парламентот. Опозицијата има 60 пратеници: коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ 44, коалицијата на албанските партии Алијанса за Албанците и Алтернатива 12, БЕСА два (тројца со Кастриот Реџепи, но не е јасно кој ќе го биде неговиот став понатаму) и партија Левица два пратеници, пишува грчката новинска агенција.