Столе Димитриевски го немаше на вчерашниот меч за Рајо Валјекано против Бетис. Тренерот на Рајо објасни дека Столе бил повреден, но и покрај ситната повреда, една од причините е и што деновиве го комплетира трансферот на кариерата! ЕКИПА дознава дека само прашање на време е неговото заминување од Рајо и преминот во големата Барселона. Веќе има договор, челниците на Рајо ги договорија сите детали, и сега останува само потпис и промоција. Според информациите, Димитриевски веќе се збогувал со соиграчите од тимот, и сега трансферот од соништата е извесен.

Димитриевски го остварува својот сон, станува дел од еден од најдобрите светски клубови. Ќе треба да се бори за место во тимот со Тер Штеген, и покрај тоа што и иднината на Германецот е неизвесна и се шпекулира на негово заминување. Ако тоа се случи, тогаш ќе биде уште подобро за Столе.

Димитриевски сезонава игра фантастично, ја има својата најдобра полусезона во кариерата. Четврти голман во Европа по број на одбранети удари во просек, еден од најдобрите во Шпанија, а беше сместен и во најидеалниот тим на полусезоната во Ла Лига. Одличната форма на Димитриевски го радува и селекторот Благоја Милевски пред баражот со Италија, а своите импресивни партии Столе ги промовираше и во репрезентативниот дрес и беше еден од заслужните што Македонија се пласираше во историскиот бараж.

Димитриевски пред извесен период беше посакуван и од рускиот тим Сочи, но се реши да остане во Рајо и се избори за место во првиот тим, а потоа стана и еден од најдобрите голмани што му донесе голем трансфер. Инаку освен Барселона, за Димитриевски има интерес и од неколку други шпански клубови.