Сребрениот олимписки медал на таеквондистот Дејан Георгиевски му го донесе признанието „Најдобар македонски спортист за 2021 година“, а наградата во женска конкуренција ја освои Мери Акиевска која освои четири златни медали на Светското првенство во фитнес и боди билдинг.
– Нема поголема чест од тоа да се бранат боите на својата татковина. Благодарност до сите и до целата македонска јавност за пречекот на плоштадот во Скопје. Вие и Македонија сте мојот мотив да продолжам со нови успеси, одиме (на Олимписките игри) по злато, изјави Георгиевски, кој на игрите во Токио го освои сребрениот медал во категоријата над 80 килограми и на македонскиот спорт му го донесе првиот олимписки медал по пауза од 21 година.
Наградата на Георгевски на 67. по ред традиционална манифестација „Спортист на годината“, што вечерва се одржа во Македонскиот народен театар, му ја врачи шефот на државата, Стево Пендаровски.
Наградата „Најдобра спортистка за 2021 година“ ја освои Мери Акиевска, која освои четири златни медали на Светското првенство во фитнес и боди билдинг.
– Огромна благодарност до Агенцијата за млади и спорт и Македонскиот олимписки комитет за големата поддршка, како и до мојот фитнес клуб „Магнус“. Од овој момент можам да ветам дека заедно со мојот стручен тим ќе се подготвуваме барем уште еднаш да го повториме овој успех и македонската химна повторно да ечи и сите да ја слушаат, изјави Акиевска на свеченоста во организација на Агенцијата за млади и спорт и Сојузот на спортски федерации на Македонија.
За најуспешен спортист со инвалидитет беше избран пливачот Андреј Стојаноски.
Најуспешен млад спортист за 2021 година е Столе Смилковски (карате), додека, во женска категорија, најуспешна млада спортистка е Ива Младеновска (ракомет).
Наградата за најдобар тренер припадна на Борче Костовски (таеквондо)
Најуспешен машки национален тим за 2021 година, според АМС, е Фудбалскиот национален тим, додека од женските национални тимови најдобра е Кадетска ракометна репрезентација.
Најуспешна национална спортска федерација е Македонска Таеквондо федерација
Најуспешен училишен спортски клуб во основно образование е „Кире Гаврилоски – Јане“ од Прилеп, додека, во средното образование најуспешен спортски клуб е „Свети Наум Охридски – 2018“ од Скопје.