Рускиот енергетски гигант „Гаспром“ денеска објави дека од 1 јануари ќе го прекине извозот на гас во Молдавија поради неподмирениот долг на земјата, објави денеска Ројтерс.

Како што е најавено, компанијата го задржува правото да преземе какви било активности, вклучително и раскинување на договорот за снабдување со Молдавија.

Русија, преку Украина, ја снабдува Молдавија со околу две милијарди кубни метри гас годишно.

Гасот се дистрибуира во отцепениот регион Придњестровје, кој го користи гасот за производство на евтина енергија, која ја продава на остатокот од Молдавија.

Молдавија, која има 2,5 милиони жители, се подготвува за долги прекини на струја во наредниот период, откако Киев објави дека нема да го продолжи договорот за транзит со Гаспром.

Суспендирањето на испораките на Молдавија го означува почетокот на целосното запирање на извозот на руски гас преку Украина во Европа, бидејќи договорот за транзит на руски гас со Украина истекува на 31 декември.