Ерик Гарсија се претвори во вистински трагичар во контроверзниот гол кој го постигна Килијан Мбапе, иако стоперот на Барселона направи се фудбалски и изреагира како што би реагирал секој дефанзивец во елитниот фудбал.

Тео Ернандес испрати додавање до Мбапе кој беше во очигледен офсајд и истиот ќе беше активиран доколку Гарсија немаше очајнички обид да скрати опасно додавање, но токму неговиот контакт со топката се покажа како клучен за активирање на „нова акција“, по што првичната нерегуларна позиција на Французинот остана во втор план.

Ова бизарно и неблагодарно правило за дефанзивците ја фрли во очај цела Шпанија, па иако Итуралде Гонзалес се обиде да објасни што пишува во правилникот, сите играчи на Шпанија и најголем дел од неутралните фанови останаа разочарани од епилогот во дадената ситуација. Гарсија реагираше инстинктивно и се обиде да расчисти опасно додавање, а подоцна излезе дека најдобро ќе беше да нема никаква интервенција, бидејќи во таква ситуација ќе беше активирана офсајд ситуацијата на Мбапе.

– Додавањето на Тео оди зад мојот грб и јас се фрлив и ја допрев топката со врвот од копачката. Мбапе беше во офсајд и тука не треба да се додаде ништо повеќе.

– Судијата ми вели дека намерно сум ја удрил топката и така сум влијаел за нова акција. Ми порача дека не сум требал да реагирам, да сум се тргнел и да ја пропуштам топката. Такво било правилото. Ова е класичен офсајд и еден дефанзивец во ниту еден момент не смее да остави ништо на случајноста и да не реагира надевајќи се дека противникот е во офсајд. Ниту еден дефанзивец нема да го направи тоа, – порача револтираниот Ерик Гарсија по поразот на Шпанија од 2:1.