Постојат различни приказни и преданија за мистериозни куќи и замоци низ светот, кои поради својата таинственост, привлекуваат илјадници туристи желни за авантура. Едно такво здание се наоѓа во Сан Хозе, Калифорнија, САД.

Имено, далечната 1886 година, ексцентричната Сара Винчестер купила куќа која на почетокот имала осум соби. Новата сопственичка не била задоволна од изгледот на домот, па почнала со реновирање, што се претворило во доживотен проект на којшто потрошила близу 5,5 милиони долари.

Откако Сара починала во 1922 година, замокот имал модерен водовод, 160 соби, шест кујни, два подрума, 2.000 врати и 10.000 прозорци. Сепак, некои работи во оваа необична куќа се уште почудни од „амбицијата“ на таа жена.

Имено, Сара има оставено неколку врати во куќата кои не можат да се отворат. Некои прозорци, пак, се поставени во простории без никаква светлина, и сè тоа нема никаква смисла… Куќата има и неколку низи скали кои не водат никаде. Сè е така полно со тајни премини, а посебна атракција е орманот што однатре води кон 30 соби во куќата.

Се разбира, низ времето се појавиле бројни приказни за тоа – зошто вдовицата на Вилијам Вирт Винчестер, пронаоѓачот на пушката „Винчестер“, го направила тоа?

Многумина веруваат дека во куќата, таа била прогонувана од духовите на сите погубени и убиени од спомнатото оружје и дека собите се всушност одраз на кошмарите што ги доживеала во животот. Други тврдат дека изградила лавиринт во својот простор за да избега од духовите што ја прогонувале. Таа, наводно, дури и секоја вечер спиела во различна соба за да избега од нив…

Како и да е, мистериозната куќа „Винчестер“ денес е меѓу позначајните туристички атракции во околината, и привлекува голем број љубители на чудни стари живеалишта, занимливи особено за оние кои веруваат во духови. Некои ја нарекуваат и најопседната куќа на светот.