Кина соопшти дека го открила првиот случај на птичји грип H3N8 кај луѓе, но здравствените власти тврдат дека е мал ризикот за пренесување од човек на човек, јавуваат тамошните медиуми.

Advertisements

Познато е дека од овој сој најчесто заболуваат коњи, кучиња и фоки, но досега не бил откриен кај луѓе.

Кинеското министерство за здравство соопшти дека четиригодишно момче, кое живее во централната провинција Хенан, било позитивно на сојот H3N8.

Момчето кон почетокот на април е хоспитализирано со температура и други симптоми на грип. Семејството на заразеното момче одгледувало кокошки и живеело во населба каде што имало многу диви патки.

Како што се пренесува, момчето е заразено директно од птица.

Министерството за здравство додава дека ризикот од зараза во големи размери е релативно мал. Сепак, властите апелираат луѓето да не се доближуваат до мртви или болни птици и да одат на доктор во случај на грозница или појава на респираторни симптоми.

Случаите со пренесување на птичји грип кај луѓе се исклучително ретки.