Гувернерот на Калифорнија го одби барањето на Сирхан Сирхан, убиецот на Роберт Кенеди, за условно ослободување, иако специјалната комисија летоска даде одобрение за тоа.

Гувернерот Гавин Њусом рече дека 77-годишниот затвореник и понатаму е „закана за јавната безбедност“ и дека не сака „да ја преземе одговорноста за тоа злосторство“, се вели во соопштението на неговата канцеларија, пренесе Гардијан.

Сирхан Сирхан беше прогласен за виновен на 17 април 1969 година, за убиството на сенаторот од Њујорк, помлад брат на Џон Фицџералд Кенеди. Тој беше осуден на смрт, но во 1972 година неговата казна беше променета во доживотен затвор благодарение на краткорочното укинување на смртната казна во Калифорнија.

Во август 2021 година, Одборот за условно ослободување во Калифорнија конечно го одобри ослободувањето на Сирхан, откако го одби петнаесет пати.

Одлуката потоа се испраќа до гувернерот кој може да ја одбие или измени.

„Убиството на сенаторот Кенеди од страна на Сирхан е меѓу најозлогласените злосторства во американската историја“, напиша гувернерот Њусом во изјавата. „По децении поминати во затвор, тој допрва треба да ги исправи мааните што го наведоа да го убие сенаторот Кенеди. Сирхан не е доволно присебен да не ја донесе истата опасна одлука повторно“, додаде тој.

Палестинскиот имигрант Сирхан Сирхан го уби „Боби“ Кенеди во хотелот „Амбасадор“ во Лос Анџелес додека водеше кампања за претседателски кандидат на Демократската партија. Повредени беа пет лица.

Тогаш убиецот го оправда својот чин со поддршката на Кенеди за продажба на воени авиони на Израел.

Во претходната апликација за условно ослободување што ја поднесе во 2016 година, Сирхан рече дека пиел премногу таа вечер и дека би сакал „ништо да не се случило“. Тој исто така рече дека адвокатот го навел да го признае делото во текот на судењето, кој му давал лоши совети и го убедил дека е виновен.