Мачор по име Брошa мина половина час во вклучена машина за перење облека и преживеа. Инцидентот се случил во Украина.

Сопствениците објасниле дека мачорот Брошa обожава да спие во машината, а со оглед дека е сив, со истата боја како и внатрешноста на машината, не го забележале во текот на вклучувањето.

Ова е објавено на Facebook страницата на ветеринарната клиника на која мачорот бил доведен за спасување. Според зборовите на вработените во клиниката, Брошa бил во машината за перење облека околу 30 минути пред сопствениците да го слушнат неговиот врисок.

„Замислете ги шокот и ужасот кога ќе сфатите дека мачорот толку долго бил во машината за перење. Изненадува тоа што веднаш по отворање на машината мачорот истрчал и се обидел да се сокрие. Го фатиле, веднаш го исушиле и го одвеле на ветеринар“, додаваат тие.

Во текот на прегледот животното имало ниска температура, очите не му биле доволно отворени поради прашокот за перење, а устата силно му мирисала на детергент.

Ветеринарите му одредиле терапија потребна за закрепнување, а откако резултатите му биле уредни мачорот набргу си заминал дома. Сега, повторно е активен, трча, скока по дома и има апетит.

„Ова не е прв пат да се сретнеме со ваков случај, но Брошa навистина има голема среќа. не за џабе се вели дека мачките имаат 9 животи“, додаваат од ветеринарната клиника.

Слична приказна имаше и во 2020 година во Австралија кога мачка преживеа 12 минути во машина за перење алишта.